Во Македонија има речиси 173 илјади дијагностицирани дијабетичари
Во Македонија со дијабетес се дијагностицирани 172 949 пациенти, согласно добиените податоци од Институт за јавно здравје заклучно до 2021 година. Тоа е речиси 10 отсто од населението во Македонија.
Денеска се одбележува Светскиот ден против дијабетес.
Во светот има околу 422 милиони луѓе кои боледуваат од оваа болест, мнозинството од нив живеат во земји со низок и среден приход. Речиси 1,5 милиони од смртните случаи на светско ниво се препишуваат на дијабетес секоја година. Според информациите од Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на дијабетес постојано се зголемува во последните неколку децении.
СЗО секоја година на 14 ноември го одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот. Овогодишната кампања се фокусира на потребата за подобар пристап до квалитетно образование за дијабетес. По повод Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ) денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Предизвиците за дијабетесот во Македонија – заедно еден со друг“.
Зошто е кревко здравјето на македонските граѓани?
Светскиот ден против дијабетесот е основан во 1991 година од страна на Меѓународната федерација на дијабетичари со поддршка од СЗО, како одговор на растечката загриженост за ескалацијата на заканата по здравјето од дијабетес. Светскиот ден на дијабетот стана официјален ден на Обединетите Наци во 2006 година.