Цариниците спречија влез на 12 килограми екстази вредни над 200 илјади евра
Инспектори од Царинската управа запленија 26 илјади таблети екстази со вкупна тежина од околу 12 килограми, 84 грама кокаин и 31 грам марихуана, со проценета вредност од 200 илјади евра, кои требало да бидат дистрибуирани во земјава.
Како што соопштија од Царинската управа, направени се дополнителни претреси на неколку локации во Скопје и Тетово и до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против три лица.
Дрогата е пронајдена вчера наутро, на влез на граничниот премин Табановце, по извршена царинска контрола со мобилен скенер на патничко возило со странски регистарски таблички управувано од македонски државјанин.
Царинската управа – Секторот за контрола и истраги денеска до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против три лица за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, прихотропни суптанци и прекурсори“ и за нив е побаран притвор од 30 дена.