Ковачевски од Штип: СДСМ е државотворниот стожер на македонската современа држава
СДСМ е државотворниот стожер на македонската современа држава и СДСМ е печатот на македонската европска идеја и носител на новите општествени промени, на визијата за иднината, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва од Штип на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“.
Тој додаде дека вистинската големина на СДСМ не се само полните сали на трибините, туку во државничките политики и во она што оваа партија го има направено за земјата.
Порача дека е посветен на градењето на модерна, европска држава, членка на ЕУ. На трибината во Штип истакна дека 2023 е година на економски пресврт, а тој има план, визија за одржлив економски план.
„Имам план за иднината, за нова економска пресвртница, со сето мое менаџерско и економско искуство, градено 22 години во приватниот сектор, подготвен сум да одговорам на сите предизвици пред мојата земја, за да обезбедам сигурна иднина, да живееме подобро, да бидеме побогати, понапредни и да им оставиме на следните генерации средена, европска држава“, рече Ковачевски.
Забележа дека по само 10 месеци од мандатот на неговата Влада може да се каже дека е спасена македонската економија со антикризни мерки вредни 760 милиони евра и економски политики,а истакна дека поддршката за граѓаните и компаниите ќе продолжи и во иднина.
„Но сето тоа не е доволно и затоа минималната плата ќе порасне и наредната година. Во Буџетот имаме одвоено пари за покачување и на пензиите во март 2023 година за нови шет отсто. Со тоа за сите 330.000 пензионери ќе обезбедиме покачување за 16 отсто на пензиите за една календарска година. Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура“, рече Ковачевски.