Мепсо - засилени активности за реконструкцијата на трафостаницата „Битола 2“
МЕПСО соопшти дека се користат добрите временски услови за засилени ремонтни активности на ТС „Битола 2“, според договорот за ревитализација на високонапонската опрема во трафостаницата.
Од компанијата посочуваат дека не е лесно во услови на кризи да се држи чекорот со планираните инвестиции, но со „упорност, посветеност и труд“ во рок се завршени планираните активности.
„Со овој процес на модернизација и реконструкција на 400/ 110 kV трафостаница Битола 2, на долг рок не само што ја зголемуваме доверливоста и сигурноста во управувањето со електроенергетскиот систем, туку новата опрема треба да ги сведе на минимум и ризиците од испади или дефекти“, велат од компанијата.
Реконструкцијата почна во 2020 година, со рок од 3 години за планираните зафати. Со неа се менува опремата стара 40-тина години, со нова високонапонска опрема што чини 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој.
ТС „Битола 2“ има стратешко значење во енергетскиот систем на земјава бидејќи на неа се приклучени РЕК Битола како најголем производител на струја, како и рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со електроенергетскиот систем на Грција.