Осомничена девојка за убиство на момчето кое беше најдено мртво во реката Пена
Седумнаесетгодишна девојка е осомничена за убиство на 16-годишиното момче, кое вчера наутро беше најдено мртво во реката Пена кај месноста Бањиче близу Тетово. По увидот и започната истрага, тетовското Обвинителство до Основниот суд поднел барање за подготвителна постапка поради сомнение за сторено убиство. „По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката. Надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор“, соопшти денеска Службата за односи со јавноста при Јавното обвинителство. Седумнаесетгодишната девојка е од тетовско Рогле, а полицијата за настанот направила службен разговор со уште едно малолетно машко лице од Тетово. Малолетникот на 16 години кој беше најден починат е од Ново Село, Општина Желино, информираше СВР Тетово. Неговиот татко во средата околу 16 часот пријавил дека се оддалечил од дома со автомобил. Возилото беше најдено околу 02.20 часот, во близина на угостителски објект на место викано „Бањиче“, додека безживотното тело околу 7 часот вчера наутро.