Кина го укина карантинот за патниците кои влегуваат во земјата
Кина на 8 јануари гo укина барањето за карантин за патниците кои доаѓаат во земјата, со што стави крај на речиси тригодишната самонаметната изолација и тоа во време кога се бори со пораст на случаите на заразени со ковид-19.
Првите луѓе што пристигнаа во Кина велат дека им е полесно што не мора да подлежат на исцрпувачки карантини, кои беа дел од животот во земјата која имаше политика на нула-ковид.
Во Хонгконг, каде што границата со континентална Кина беше повторно отворена по долгогодишно затворање, повеќе од 400.000 луѓе треба да патуваат на север во наредните осум недели.
Пекинг минатиот месец започна драматично укинување на строгата стратегија за нулта ковид, која наметна задолжителни карантини и исцрпувачки затворања.
Откако властите минатиот месец најавија укинување на карантинот, Кинезите побрзаа да испланираат патувања во странство. Но, зголемувањето на бројот на кинески посетители, натера десетина земји да воведат задолжителни ковид-тестови за патниците од најнаселената земја во светот, каде што има драстично зголемување на бројот на заболени.
Кина ги оцени овие ограничувања за патување „неприфатливи“, и покрај тоа што продолжува во голема мера да ги блокира странските туристи и странските студенти да дојдат во земјата.
Проценките се дека состојбата со ковид во земјата ќе се влоши овој месец за време на прославата на Кинеска нова година, кога милиони луѓе од големите градови патуваат во посета на своите постари и ранливи роднини на село.
Пресвртот од нулта-ковид до укинување на мерките наиде на остри критики на социјалните мрежи, па кинеските власти суспендираа над 1000 корисници на најпопуларната кинеска мрежа Веибо кои го критикуваат отворањето.