Славески: Нема доволно потписи за вонредна седница на Советот на Град Скопје
Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески во писмената реакција до јавноста информира дека нема собрано доволен број потписи за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Тој апелира на соодветна државна реакција и имплементација на координирана акција на сет од мерки за намалување на загаденоста на воздухот во главниот град.
„Како прв меѓу еднаквите во Советот апелирам да се воздржат партиите од правење на политика и терање на популизам на една ваква чуствителна тема која ги засега сите граѓани на главниот град“, посочува Славески во реакцијата.
Во однос на барањето на советниците на СДСМ за свикување на вонредна седница на која ќе се дискутира за препораки во борбата против загадениот воздух Славески вели дека во текот на денешниот ден од Кабинетот на градоначалникот добил писмен одговор и мислење за предложените препораки и се изразува уверување дека градот Скопје веќе превзема голем дел на среднорочни и долгорочни мерки во борбата против загадениот воздух.
Скопјани со недели дишат токсичен воздух, а најлоши се резултатите од мерната станица во Лисиче каде имаше и десетпати поголемо загадување од дозволеното со ПМ 10 честици. Министерството за животна средина покажува екстремно аерозагадување и во Тетово, Кичево, Охрид и Струмица.