Лајчак и Ескобар неделава во посета на Косово и Србија
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак заедно со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Есокбар кон крајот на оваа недела ќе го посетат Косово, а потоа и Србија, дознава РСЕ од дипломатски извори во Брисел.
Според споменатите извори, тие ќе престојуваат во главниот град на Косово, Приштина, на 20 јануари. Целта на посетата, како што наведуваат изворите, е подготовка за следната рунда дијалог на највисоко политичко ниво во Брисел.
Иако планираше да свикува лидерски состанок еднаш месечно, Лајчак минатата година успеа на иста маса двапати да ги седне српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Во август и ноември 2022 година, тие беа во Брисел на нова рунда дијалог во услови на тензии кои се појавија на северот на Косово. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на крајот на минатата година предупреди дека сите состаноци биле насочени кон менаџирање на кризата на релација Белград-Приштина.
Дипломатски извори во Брисел посочија дека специјалните претставници на Франција и Германија наскоро ќе заминат во Косово и Србија, но засега не е прецизирано дали тие ќе бидат во делегацијата при овонеделната посета на претставниците на ЕУ и САД.
Минатата недела Приштина и Белград ги посети специјалниот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле. Засега нема потврда кога би можела повторно да се одржи нова рунда на лидерски разговори.
Претставниците на Европската унија редовно велат дека се подготвени да свикаат состанок во секое време кога за тоа се подготвени српскиот претседател и косовскиот премиер. Тензиите на северот на Косово беа зголемени минатиот месец кога етничките Срби поставија блокади на патиштата поради апсењето на поранешен полицаец етнички Србин.