Гир - Слободата на медиумите и изразувањето е темелна вредност на ЕУ
Слободата на медиумите и изразувањето е темелна вредност на ЕУ и камен темелник на демократијата, изјави на 18 јануари евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, но не сакаше да го коментира кратењето на буџетот на Медиумската информативна агенција (МИА), и изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со оценки за работа на дел медиуми.
Гир денеска заедно со амбасадори од други земји членки на ЕУ е во посета на Охрид.
„Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата затоа што води сметка и осигурува дека граѓаните се добро информирани и можат да носат добро информирани одлуки. Тоа значи дека од една страна медиумите се задолжени да направат таков тип на веродостојни и точни информации и треба да се стремат кон највисоките професионални стандарди, и од друга страна е важно слободата на медиумите да биде зачувана и да биде заштитена од влијанија и вмешувања и од каква било други дејствија кои може да ги натераат новинарите на автоцензура или да се плашат од нешто“, рече Гир.
Евроамбасадорот се наврати на одговорот за најважните прашања за ЕУ во однос на реформите и нашиот скрининг, потенцирајќи дека „и слободата на медиумите е едно од оние прашања кое навлегува во сржта на тоа што се нарекува фундаментални прашања“ и е од големо значење за Брисел.
Со оценки и етикетирање за уредувачката политика на одредени медиуми изминатите денови излегоа и премиерот Димитар Ковачевски и најголемиот коалиционен партнер во Владата, Али Ахмети. Тоа пак, наиде на осуди од медиумските здруженија и организации, а опозицијата, пак, оцени дека Ковачевски и Ахмети им објавиле војна на медиумите.