Бугарскиот амбасадор во Скопје: Летото почна да ескалира радикалниот говор против Бугарите
Од Обвинителството во Охрид соопштија дека Христијан Пендиков бил нападнат од омраза. Потоа следуваше посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи во болницата – така што ние се движиме по однос на овој случај според официјалните информации, изјави за БНТ амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов.
„Гледам дека обвинителството еволуирало и сега се зборува дека се уште се нејасни мотивите на делото. Се чека вистинската истрага од обвинителството и потоа се чека судот“, додаде Ангелов.
Според него, се ширеле секакви шпекулации за, како што го нарече, ѕверството против Пендиков дека тој бил наркодилер, дека е тепачка меѓу различни дилери и слично. Во исто време, како што додава Ангелов, тој си заминал од Северна Македонија со својот странски пасош, бидејќи нема обвинение против него, за одземање на пасошот.
Пендиков, како што додаде амбасадорот, на крајот на декември поднел барање за добивање бугарско државјанство, кон кое е приложено уверение за неосудуваност издадено од судот во Охрид.
„Во моментов Христијан е стабилен по операцијата“, рече Ангелов и додаде дека долго време нема да може да консумира цврста храна.
Ангелов смета дека од летото почнал да ескалира радикалниот говор против Бугарите во РСМ, а тие неколкупати се обиделе проблемот да го адресираат до властите во Скопје, за да преземат некакви мерки.
„Овој радикален разговор, особено на социјалните мрежи, доведе и до нападот со камења врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, потоа до пукањето врз клубот и кулминираше со овој физички напад врз Кристијан“, додаде тој.
Неговото враќање во РСМ, како што рече Ангелов, ќе биде оценето од надлежните институции во Бугарија.
„Мора да се врати довербата што беше изгубена“, додаде Ангелов.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се вжештија по претепувањето на Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, кој е и бугарски државјанин.
Бугарија вчера објави дека го повлекува својот амбасадор од Скопје и најави нова блокада на македонските евроинтеграции со ЕУ, додека македонските институции разгледуваат дали ќе им забранат влез на некои бугарски државјани што ја навредуваат Македонија.