Радев до Вархеји: ЕУ да ги гарантира правата на Бугарите во РСМ
Европската Унија треба да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во РСМ со истата енергија со која инсистираше на забрзување на нејзините евроинтеграции, му порачал во телефонски разговор бугарскиот претседател Румен Радев на комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Оливер Вархеји.
„Крајно време е институциите во Република Северна Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и вербалните изрази на омраза кон Бугарите“,му рекол Радев, а пренесе БТВ.
Во соопштението од Кабинетот на Радев се наведува дека Радев истакнал дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите во Северна Македонија бараат дефинитивен институционален одговор.
„Обидите да се омаловажат и да се третираат само како криминални случаи не се во интерес на билатералните односи и европската перспектива на РСМ. Неработењето и немањето казна стимулираат злосторства од омраза“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Вархеји денеска оствари средба со вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. За односите со Бугарија кои во последно време се нарушени, според соопштението од Секретаријатот за европски прашања, било констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.
Османи - Реакцијата на Бугарија е диспропорционална
Вчера министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков најави дека Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Република Северна Македонија поради претепувањето на Христијан Пендиков. Тој истакна и дека запирањето на заедничките проекти ќе биде дел од бугарската реакција за случајот со Пендиков.
Тој побара властите во Северна Македонија да се погрижат да има одговорност за тепањето на Пендиков, а тврди дека охриѓанецот кој се декларира како Бугарин, добива закани и во болница.