Ракети истрелани од Појасот Газа, израелската армија возврати со воздушни напади
Екстремистите во Појасот Газа истрелаа ракети врз Израел по што израелската војска изутрината започна воздушни напади во услови на зголемени тензии по вчерашниот израелски напад на окупираниот Западен Брег во кој загинаа девет Палестинци, меѓу кои една постара жена и седум екстремисти. Уште еден Палестинец беше убиен вчера во одделен инцидент. Од петте ракети истрелани кон Израел, три биле пресретнати, едната паднала на отворен простор, а другата паднала во Газа, соопшти израелската армија. Цели на израелските напади биле подземните капацитети за производство на ракети на Хамас и местата за обука на екстремистите. Сирени за предупредување за проектили се огласија во јужен Израел, но нема извештаи за жртви на двете страни.
Израел и исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа, војуваа четири пати, а помали конфликти избија неколку пати откако Хамас ја презеде власта на територијата од силите лојални на поумерениот, ривал Фатах во 2007 година. Вчерашната рација на бегалскиот камп Џенин беше најсмртоносната поединечна воена операција на Западниот Брег во последниве нешто повеќе од две децении. Напливот на насилство се смета за тест за новата екстремно десничарска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху и фрла сенка врз претстојната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на регионот. Денеска муслиманите се собираат на неделна молитва, која често е проследена со протести, а Хамас вчера веднаш се закани со одмазда за рацијата.