Средба Ковачевски – Таравари за можен влез на АА во Владата
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата, ќе има средба со лидерот на Алијансата а Албанците (АА), Арбен Таравари, на која ќе се разговара за евентуален влез на партијата во владината коалиција. Ковачевски потврди дека ќе има средба со Таравари. „Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, изјави Ковачевски.
Во однос на кадровските прашања, Ковачевски рече дека за тоа во моментов не е разговарано, но оти доколку тој и Таравари најдат заеднички јазик во програмските политики и во делот на законските системски решенија, може да се разговара за тоа. Премиерот рече дека е согласен со коалициските партнери со кои неодамна имаше средба дека во моментов балансот во Владата треба да остане таков. Според него, проширувањето на мнозинството во Парламентот ќе значи зголемување на капацитетот, поефикасна работа, побрзо носење на одлуките кои ќе значат интеграција на државата во ЕУ, меѓутоа и носење на закони кои значат европски квалитет дома.
Ова ќе биде втора официјална средба на Ковачевски Таравари, а во јавноста подолго време се зборува дека АА ќе стане дел од Владата, и дека нивни кадри ќе раководат со здравство и правда. Претседателството на Алијанса за Албанците во петокот на седница во Тетово формира тим составен од лидерот Таравари и петмина негово најблиски соработници со задача да преговараат дали нивната партија ќе стане дел од Владата и ќе се прошири владиното мнозинство.