Поевтин леб или без леб?
Цената на белиот и полубелиот леб од денеска ќе се замрзне, а по донесувањето на ваквата одлука треба да изнесува максимум 33 денари. Но, ако тоа се случи, мелничарите најавуваат дека ќе го прекинат производството.
Мерката за замрзнување на цената на лебот ја предложи Министерството за економија по анализите кои покажуваат дека повеќето компании од прехранбената индустрија, иако добиле субвенционирана струја, и по три месеци не ги намалиле цените на производите.
Пекарите тоа го негираат и тврдат дека во целост ја почитувале мерката за субвенционирање на струјата.
Цените на лебот, велат, се намалени повеќе од вредноста на субвенцијата што ја примаат. Воедно предупредуваат дека ако се замрзне цената на лебот ќе претрпат огромни штети, од 3.000 до 15 000 евра дневно и ќе бидат принудени да ги затворат производствените капацитети.
Во вторник ќе се замрзне цената и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб.
Мелничарите вчера одржаа состанок во Стопанската комора и донесоа едногласен заклучок - ако Владата ја донесе мерката за ограничување на цената на лебот, од следниот ден нема да има леб на пазарот.
Со мерката за субвенционирана струја која се применува веќе три месеци, се опфатени компании што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија.