Двојно убиство во Старата скопска чаршија
Дел од медиумите објавија дека станува збор за лица од криминалното подземје кои ѝ се познати на полицијата, а една од жртвите наводно е познат криминален бос.
Очевидци за порталот Мкд.мк велат дека неколкумина маскирани со фантомки на лицето влегле во кафулето, и испукале неколку куршуми кон тројца мажи.
„Во СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, “ се вели во соопштението на МВР.
Од МВР засега не соопштуваат детали за потерата и за осомничените освен дека станува збор за повеќе лица кои пукале кон убиените.
Полициски сили вечерва го обезбедуваат местото на убиствата, како и приодите кон скопското Кале.