Битиќи- Ако има потреба ќе реагираме и кај цените на овошјето и на зеленчукот
Тој посочи дека ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Битиќи вели дека како што Владата презела мерки за основните прехранбени производи, леб, тестенини, млечни производи истото ќе го направи и за низа на други продукти.
„Ако производителите и трговците не ја спроведуваат одлуката онака како што треба, тогаш Владата ќе ги преземе мерките кои се потребни, а тоа е замрзнување на цените. Тоа е најтешката одлука за еден произведувач или трговец, но јасно кажувам дека во сите пресметки не сме нанеле штета со замрзнување на цените. Затоа секогаш велам дека во пазарна економија мора да има морал и етика“, додаде Битиќи.
Тој додаде дека е очигледно оти производителите и трговците очигледно го чекаат последниот ден за да ги намалат цените.
„ Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме“, вели Битиќи.
На 10 март премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека тестенините ќе поевтинуваат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти и нивните цени ќе се замрзнат.
„Се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Се замрзнуваат и цените на млечните производи: трајно кравјо млеко, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт. Цените се намалуваат за десет отсто, а одлуката важи од 17 март до 31 мај 2023 година“, рече Ковачевски.
Ова е втора одлука за замрзнување цени на прехранбени производи, откако на 28 февруари годинава стапи во сила ограничувањето на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.