Средба на Огнените и Ахмети во Мала Речица
Најтесното раководство на ДУИ денеска во Мала речица, каде се наоѓа нивното партиското седиште, разговара за конфликтот и недоразбирањата во партијата. На денешната седница присуствуваат и членовите на т.н. „Огнена група“ кои веќе неколку месеци водат кампања за смена на министри предложени од партијата, кои според нив не ја заслужуваат довербата и немаат резулатите во работењето.
Нема информации дали на седницата на Централното претседателство на ДУИ воопшто ќе се разговара за внатрепартиските превирање, со оглед дека пред почетокот, портпаролот Бујар Османи истакна дека единствена точка на дневниот ред е создавањето на „Фронтот за Европа“.
„Се наоѓаме во критично време, на крстопат, и мора да ги концентрираме сите сили и енергија на општеството за да ја ориентираме државата кон ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните од нас, подобар стандард, работа, поголеми плати, да останат овде, да ја планираат иднината овде. Ништо друго не може да ја гарантира перспективата освен ЕУ и ние сме должни тоа да го направиме како политичари“, изјави Османи пред средбата.
Претходно на социјалните мрежи „Огнена група“ објави листа на разрешени функционери, обвинувајќи дека „првиот вицепремиер Артан Груби ги разрешува лицата кои мислат поинаку во ДУИ“.
Оттаму велат дека политичката елиминација била изведена на најбрутален можен начин, на начин како што во време не едноумието, преку ноќ биле менувани „неподобните“ кадри. На фотографијата се објавени сликите и имињата на следните разрешени функционери- заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ, Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други.
Според Огнената група тие се разрешени само затоа што мислат поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности.
За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар . Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.
Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“.