Перуанската претседателка под истрага за перење пари
Перуански обвинители доцна синоќа соопштија дека ги истражуваат претседателката Дина Болуарте и нејзиниот соборен претходник Педро Кастиљо поради наводно перење пари и незаконско финансирање на кампањата за време на изборите во 2021 година.
Болуарте, Кастиљо и неговиот поранешен советник Хенри Шимабукуро беа под истрага поради „забрането финансирање на политички организации, перење пари и злосторничко организирање“, објави јавното обвинителство на Твитер.
„Наводното извршување на овие кривични дела се случило за време на изборната кампања на (левичарската партија) Слободно Перу во 2021 година“, кога Кастиљо се кандидираше за претседател, а Болуарте за негова потпретседателка, се наведува во соопштението.
Обвинителот донел одлука за истрага откако Шимабукуро изјави дека има докази оти Болуарте била запознаена со наводните неправилности во собирањето средства за кампањата.
Перу е во политичка криза откако Кастиљо беше соборен и уапсен на 7 декември и обвинет за побуна поради обидите да го распушти Конгресот и владата со декрет.
Болуарте ја презеде должноста претседател, но се соочи со повици за оставка од демонстрантите кои бараат нови избори.
Конгресот, кој е под контрола на десницата, но сега е сојузник на Болуарте, утре треба да расправа за предлогот за смена на претседателката, наведува агенцијата Франс прес (АФП).
За прифаќање на предлогот се неопходни 52 гласа, а парламентарната левица која го побара има 35.
Болуарте веќе е под истрага поради смрт на антивладини демонстранти, по обвинувањата на организација за човекови права дека безбедносните сили употребиле прекумерна сила против демонстрантите кои барале нејзина оставка.
Од почетокот на протестите во декември, во судирите со полицијата загинаа 49 цивили и 7 припадници на силите за безбедност, соопшти Народниот правобранител.
Дури и ако има конкретно обвинение, Болуарте може да се соочи со судот дури откако ќе ѝ истече мандатот во 2026 година.
Таа е шеста претседателка на Перу од март 2018 година и прва жена на таа функција.
Кастиљо, против кого се води истрага за корупција, служи 36 месеци во истражниот затвор под обвинение за побуна.