Два американски воени хеликоптери се урнаа над Кентаки
„Засега не е позната судбината на членовите на екипажот“, изјави портпаролката на американската војска Нондис Турман, без да го прецизира точниот број на членови на екипажот во хеликоптерите.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир на Твитер објави дека има можни жртви и дека Федералната полиција на Кентаки и Одделот за управување со вонредни состојби испратиле луѓе на терен.
Локалните медиуми наведуваат дека најверојатно, загинале дури девет лица. Причината за падот на двата хеликоптери се истражува. Хеликоптерите слетале во областа Триг Каунти.
Портпаролката на Армијата рече дека фокусот на главната команда сега е на грижата за екипажот и нивните семејства.
Хеликоптерите кои се урнаа припаѓаат на 101-та воздушнодесантна дивизија, која е единствената таква дивизија во американската војска и во минатото била распоредувана во конфликтните зони ширум светот.