Американски тинејџер застрелан од полицаец
Американското Министерство за правда покрена истрага за смртта на тинејџер од Вашингтон кој беше застрелан од полицаец кој седел зад него во автомобил.
Седумнаесетгодишниот Даланео Мартин на 18 март спиел во украдено паркирано возило кога полицијата дошла, ја отворила вратата и се обидела да го уапси. На снимката од камерите на униформите на полициските службеници се гледа како полицајците се прикрадуваат во автомобилот со намера да го уапсат.
Осомничениот, кој бил Афроамериканец, се разбудил и се обидел да се оддалечи со автомобилот иако полицаецот веќе бил на задното седиште. Полицаецот му наредил на малолетникот да го запре автомобилот, а потоа го застрелал одзади.
На снимката се гледа како автомобилот удира во куќата неколку секунди подоцна, а полицајците на предниот тревник му пружаат прва помош на тинејџерот. Полицајците велат дека од автомобилот бил изваден пиштол.
Министерството за правда извести дека се работи за „трагичен и вознемирувачки случај“ и изрази сочувство до семејството и пријателите на убиениот 17-годишник.
Претседателот на американскиот синдикат на полицијата во паркот ги бранеше постапките на полицаецот.
„Постоеше легитимна, легална причина полицаецот да биде во автомобилот, а употребата на сила беше оправдана. Синдикатот стои зад акциите на полицијата“, изјави Кенет Спенсер за Вашингтон пост.