Нови субвенции за домаќинствата за ПВЦ прозорци, пумпи и фотонапонски централи
Министерството за економија годинава ќе го зголеми буџетот во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Ќе се доделуваат субвенции од 20.000 денари за вградени ПВЦ прозорци, 15.000 денари за топлински пумпи и 80.000 денари за поставување на фотонапонски централи во домаќинствата, информираше на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека во фокусот на Министерството за 2023 година, освен справувањето со ценовната криза е и енергетиката и спречувањето на кризата во делот на рестрикции со електрична енергија и во делот на неможноста на снабдување со топлинската енергија.
„Министерството за економија, како и претходните години, нема да го скрати буџетот, но во спротивно, ќе го зголеми во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари кои ќе се користат за реализација на следните мерки“, информираше Бектеши.