Македонско осумчлено семејство чека евакуација од Судан
Осумчлено македонско семејство кое се наоѓа во загрозените подрачја на Судан, чека евакуација од земјата. Македонското Министерството за надворешни работи информира дека во тек се активности за да се обезбеди трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон Северна Македонија.
МНР преку амбасадата во Каиро веднаш стапило во контакт и добило потврда дека сите членови на семејството се во добра здравствена состојба.
„Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан“, соопшти МНР.
На 29 април беа евакуирани четворица македонски државјани од Судан, земја која е зафатена од внатрешен воен судар. Според МНР, евакуацијата е реализирана со асистенција на Саудиска Арабија.
„Тие се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјата“, посочуваат од МНР.
Евакуираните граѓани се наоѓаат во градот Џеда, Саудиска Арабија. Македонската амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со тамошните власти, во насока на нивно враќање во Северна Македонија.
Досега се евакуирани вкупно 4 879 лица, од кои 139 се Саудијци, а другите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД, а од регионот освен Северна Македонија, се и Грција и БиХ.
Од МНР апелираат доколку има македонски државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Северна Македонија во Каиро.