Полска го повика рускиот амбасадор на разговор
Полска го повика на разговор рускиот амбасадор поради инцидентот со руски борбен авион и авион на полската гранична полиција над Црното Море, изјави на 10 мај, портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Лукаш Јасина.
Авион на полската гранична полиција, кој патролирал со граничната агенција на Европската унија, Фронтекс, за малку избегнал судир со руски борбен авион над Црното Море во близина на Романија на 7 мај, соопштија Романија и Полска.
„Најостро го осудуваме провокативното и агресивно однесување на руската страна, што е сериозен меѓународен инцидент“, напиша Јасина на Твитер.
Според полските гранични сили, рускиот авион Сухој Су-35 не успеал да воспостави радио контакт пред да изврши „агресивни и опасни маневри, трипати приближувајќи се кон авионот на граничната стража бе з да ја одржи потребната безбедносна дистанца“.
Во саботата вечерта, романското Министерство за одбрана, кое прво извести за инцидентот, го осуди „агресивното и опасно“ однесување на Москва.
Романија соопшти дека авионот на полската гранична полиција бил на рутинска патрола на Фронтекс со романската гранична полиција во петокот кога бил пресретнат. Полскиот авион потоа безбедно слета во Романија.
Во соопштението од романската влада меѓудругото се наведува дека НАТО ги ставил во состојба на готовност романските и шпанските авиони кога се случил инцидентот.