Израелскиот парламент го усвои буџетот и покрај протестите
Пратениците во израелскиот парламент на Кнесетот рано во средата усвоија годишен буџет со контроверзни распределби за ултраортодоксните сојузници, правејќи отстапка за верската партија во владејачката коалиција што предизвика протести на опозицијата.
Критичарите го обвинија израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за зголемување на трошоците за ултраортодоксните сојузници за верски програми кои имаат мала корист за економијата и поширокото општество.
Гласањето траеше цела ноќ, а буџетот беше донесен по зори со 64 гласа „за“ и 56 „против“.
Новиот буџет беше критикуван за издвојување на речиси 4 милијарди долари за дискрециони фондови, вклучително и за ултранационалистичките партии кои ги поддржуваат еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег.
Ќе ги зголеми контроверзните стипендии на 67,5 милиони долари за оженети ултраортодоксни мажи да учат во верски училишта наместо да работат или да служат војска, што е задолжително за повеќето секуларни млади мажи, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Повеќе пари се предвидени и за ултраортодоксните училишта кои се критикувани дека не предаваат математика и англиски јазик.
Средствата вклучуваат десетици милиони долари за тврдокорните еврејски доселеници за да промовираат проекти во министерствата што ги контролираат.
Министерот за финансии Бекалел Смотрич, водач на еврејските доселеници, изрази надеж дека нивниот број ќе се удвои во наредните години.
Околу 490.000 еврејски доселеници живеат на Западниот Брег, освоен во војната во 1967 година, меѓу три милиони Палестинци.
Составот на владата на Нетанјаху, кој положи заклетва на крајот на декември минатата година, длабоко ја подели земјата, според АП.
Во вторникот неколку илјади Израелци протестираа против буџетот пред зградата на парламентот, веејќи израелски знамиња и обвинувајќи ја владејачката коалиција за „крадење“ државни пари.
На тие помали демонстрации им претходеа повеќемесечни масовни протести против серијата предлози на владата на Нетанјаху за реформирање на правосудниот систем додека му се суди за корупција.
Поддржувачите на реформата велат дека таа е потребна за да се намали моќта на Врховниот суд, но критичарите предупредуваат дека таа ќе го уништи системот на контроли и рамнотежи и ќе ја компромитира израелската демократија.
Нетанјаху не го смени министерот за одбрана, кој му се спротивстави на реформите во правосудството
Реформскиот план предизвика загриженост и во странство, а тој е замрзнат од крајот на март додека се водат преговори за компромис со опозицијата.
По гласањето на буџетот, Нетанјаху изјави дека осамна нов ден и дека ќе го оживее планот за реформи.