Најмалку 14 мртви од труење со индустриски алкохол во Иран
Најмалку 14 лица починаа во Иран откако испиле нелегален алкохол во северната иранска провинција Алборз. Други 120 кои страдаат од симптоми на труење со алкохол се упатени во медицинските центри во покраината.
Локалните власти соопштија дека индустрискиот алкохол го купувале од фабрика за производство на спреј за тело во Алборз.
Надлежните стравуваат дека бројот на жртвите може да биде поголем бидејќи е веројатно дека некои од оние кои консумирале од индустрискиот алкохол починале дома.
Од револуцијата во 1979 година, алкохолот е забранет во Иран и се казнува со камшикување и парични казни. И покрај забраната, многу граѓани на Иран пијат странски и домашни алкохолни пијалоци кои се достапни на црниот пазар.