Обвинителството постапува по три кривични пријави од австриската компанија АММА
„Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Од ЈОРСМ, појаснуваат дека наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство - Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело - Измама и Злоупотреба на службена положба.
„Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје“, информираат од ЈОРСМ.
Во меѓувреме, истото правно лице поднело пријава до Основното јавно обвинителство - Гевгелија за кривично дело - Оштетување или повластување на доверители.
„Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења, велат од ЈОРСМ.
Правното лице поднело и кривична пријава до Основното јавно обвинителство - Скопје на 23.06.2023 година против неименувани службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за несовесно работење во службата, фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат.
„Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
И Судскиот совет најави дека ќе ги проверува наводите доставени до нив од австрискиот амбасадор.
„Од содржината на примениот допис, членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор, кој се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под надворешни влијанија“, велат од Советот.
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вчера во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги „заробиле“ судството, извршителитете и нотарите во случајот со австриската инвестиција во земјава на АММА. Амбасадорот повика „да се отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите во овие случаи“.
Поранешниот премиер Зоран Заев реагираше на јавното обраќање на австрискиот амбасадор Георг Вуцас. Тој целосно негира негова вмешаност во споменатиот деловен спор. Предупреди дека доколку амбасадорот уште еднаш го спомне неговото име во негативна конотација, ќе тужи за нанесена штета врз честа и угледот.