Во град во Кина измерени 52,2 степени Целзиусови
Во град во северозападна Кина измерена е температура од повеќе од 52 степени Целзиусови во неделата, објавија државните медиуми, со што се постигна рекорд во земјата која се бореше со минус 50 степени пред само шест месеци.
Рекордната температура во градот Санбао во Ксинџијанг се очекува да трае уште најмалку пет дена.
Температурата во неделата го собори претходниот рекорд од 50,3 степени, измерен во 2015 година во близина на Ајдинг во овој голем слив со песочни дини и исушени езера кој е повеќе од 150 метри под морското ниво.
Азиските земји достигнаа рекордни температури од април, предизвикувајќи загриженост за нивната способност да се прилагодат на климата која брзо се менува.
Долготрајната жештина во Кина предизвика проблеми во електричната мрежа и земјоделските култури и претставува закана од повторување на минатогодишната суша, најлоша во последните 60 години.
Ненадејните промени на температурата во текот на сезоните не се невообичаени во Кина, но промените стануваат се поизразени.
Температурата во Мохе, град во североисточната провинција Хеилонгџианг, падна на минус 53 степени Целзиусови на 22 јануари, соопшти локалната метеоролошка служба, соборувајќи го претходниот рекорд во земјата од минус 52,3 степени во 1969 година.
Оттогаш, обилните дождови се присутни во централна Кина, уништувајќи ги полињата со пченица.
Соединетите Држави и Кина се обидуваат да ги обноват напорите за борба против глобалното затоплување оваа недела, преку посетата на американскиот специјален претставник за климата Џон Кери во Пекинг кој треба да разговара со неговиот кинески колега Ксие Женхуа.