Во Брисел дијалог на ниво на преговарачите за Косово и Србија
Според соопштението од седиштето на Унијата, фокус на разговорите ќе биде имплементацијата на договорот за патот кон нормализација на односите што Приштина и Белград го постигнаа во Брисел на 27 февруари, како и чекорите кон деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Според најавата, домаќинот на средбата Мирослав Лајчак најпрвин ќе се сретне со главниот преговарач од Србија Петар Петковиќ, а потоа и со косовскиот шеф на преговарачкиот тим Бесник Бислими.
Планирано е по одвоените средби да има заедничка средба, таканаречена трилатерална, на која учествуваат ЕУ, Србија и Косово.
Ова ќе биде прва средба по тензиите на северот на Косово и во светло на договорот што Косово го постигна со Унијата на 10 јули, за чекори кои би доведоа до деескалација.
Односите меѓу Косово и Србија дополнително се заострија на крајот на мај кога новоизбраните градоначалници со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
Припадниците на српската заедница, кои се мнозинство на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.
Тие секојдневно протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со барање градоначалниците да не доаѓаат на работа и да се повлече специјалната единица на косовската полиција од север.
На 3 јуни меѓународната заедница побара од официјална Приштина да преземе мерки за деескалација, што вклучуваше повлекување на полицијата од општинските згради, трансфер на градоначалникот во алтернативни објекти и распишување вонредни локални избори со учество на Срби.