Лајчак одржа одвоени средби со преговарачите на Косово и Србија
Засега нема информации дека ќе има заедничка средба, таканаречена трилатерална.
Како што претходно беше соопштено од седиштето на Унијата, во фокусот на разговорите ќе биде имплементацијата на договорот за патот кон нормализација на односите што Приштина и Белград го постигнаа во Брисел на 27 февруари, како и чекорите кон деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Ова е прва средба по тензиите на северот на Косово и во светло на договорот што Косово го постигна со Унијата на 10 јули, за чекори кои би довеле до деескалација.
Односите меѓу Косово и Србија дополнително се заострија на крајот на мај кога новоизбраните градоначалници со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
Припадниците на српската заедница, кои се мнозинство на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.
Тие секојдневно протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со барање градоначалниците да не доаѓаат на работа и да се повлече специјалната единица на косовската полиција од северот.
На 3 јуни меѓународната заедница побара од официјална Приштина да преземе мерки за деескалација, што вклучуваше повлекување на полицијата од општинските згради, трансфер на градоначалниците во алтернативни објекти и распишување вонредни локални избори со учество на Србите.
Владата на Косово одби да ги исполни овие барања и тоа е причината поради која Унијата кон средината на јуни воведе мерки против официјална Приштина.
ЕУ инсистираше на тоа дека нема да има продолжување на дијалогот додека не се смири ситуацијата на северот на Косово.