Талибанците го растурија протестот поради затворањето на козметичките салони
Талибанците овој месец им дадоа на сопствениците на салоните рок од еден месец да ги затворат своите продавници, што предизвика загриженост кај меѓународните претставници за влијанието врз жените претприемачи.
Талибанците велат дека ги забраниле козметичките салони бидејќи нуделе услуги забранети во исламот.
Оваа одлука на врховниот лидер на талибанците, Хибатула Ахунџада, е последното ограничување на правата и слободите на авганистанските жени и девојки, на кои им е забрането образование, јавен простор и повеќето форми на вработување.
Во редок чин на јавно противење на талибанскиот режим, десетици козметичари се собраа денеска во главниот град Кабул за да протестираат против забраната.
Талибанците ги поливаа со вода и пукаа во воздух за да ги растераат.
Мисијата на ОН во Авганистан, УНАМА, го критикуваше задушувањето на протестите од страна на Талибанците.