Орбан против федерализмот на ЕУ и „ЛГБТ офанзивата“
Во говорот во Романија, Орбан, кој е долгогодишен критичар на Брисел, рече дека се надева оти изборите за Европскиот парламент следната година ќе ги зајакнат владите внатре во Унијата кои го отфрлаат „федерализмот“ којшто го претставуваат Германија и Франција.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, донесе закон во 2021 година со кој се забранува употреба на материјали за кои се смета дека промовираат хомосексуалност и промена на полот во училиштата, наведувајќи ја потребата да се заштитат децата од „ЛГБТК пропагандата“ и со тоа повторното го ескалираше спорот со ЕУ.
Тој, исто така, се судри со Брисел за други прашања, вклучувајќи го владеењето на правото и медиумските и судските реформи во Унгарија.
„ЕУ е или империја или (индивидуални) нации... Не треба да имаме илузии: федералистите се обидуваат да не истиснат“, рече Орбан.
„Тие отворено сакаа промена на власта (во 2022 година) во Унгарија“, рече Орбан, додавајќи дека тоа сега важи и за Полска.
Оваа есен во Полска се одржуваат парламентарни избори, а конзервативната партија Право и правда (ПиС) се обидува да добие трет мандат. Таа партија усвои многу политики кои се во согласност со онаа на Орбан, а двете земји имаат спор за владеење на правото со Брисел што доведе до суспензија на одредени европски фондови.
Орбан тврди дека рамнотежата меѓу федералистите и државите - кои не беа подготвени да му отстапат повеќе овластувања на Брисел - беше нарушена кога Обединетото Кралство ја напушти ЕУ, а сега само Варшава и Будимпешта „ја држат својата (антифедералистичка) позиција“.
Со појавата на економските проблеми во земјата, Орбан ја засили својата анти-ЛГБТ реторика, според Ројтерс. Годишната инфлација надмина 25 отсто во првиот квартал.
„ЕУ го отфрла христијанското наследство, спроведува замена на своето население преку миграција и спроведува ЛГБТК офанзива“, рече во саботата унгарскиот премиер.