Папата повика на итна борба против климатските промени
Поглаварот на Римокатоличката црква денеска изјави дека топлотните бранови кои зафатија многу делови од светот и поплавите во земји како Јужна Кореја, покажале дека е потребна итна акција во борбата против климатските промени.
„Ве молам, повторно ги повикувам светските лидери да направат нешто поконкретно за да ги ограничат штетните емисии“, рече папата Франциск пред толпата на плоштадот Свети Петар.
„Тоа е итна работа, итен предизвик, не може да се одложи, а се однесува на сите. Да го заштитиме нашиот заеднички дом“, додаде Светиот Отец.
Тој го повика светот да се откаже од фосилните горива што е можно поскоро, а заштитата на животната средина ја постави како основа на неговиот понтификат.
Во неговата енциклика „Laudato Si“ од 2015 година, тој напиша дека забележува дека планетата „сè повеќе почнува да изгледа како огромен куп ѓубре“.
Папата во неделата изрази солидарност со сите кои страдаат од последиците од климатската криза и со сите оние кои им помагаат полесно да ги надминат.
Јужните делови на САД беа зафатени од рекорден топлотен бран, а екстремни температури беа забележани и во Кина и јужноевропските земји, меѓу кои Италија и Грција.
Поради пожарот кој беснее на грчкиот остров Родос, илјадници туристи и жители денеска прво беа евакуирани од крајбрежните градови и одморалишта, а потоа беа принудени да се засолнат во училиштата и затворени делови од стадионот.