Сто македонски војници ќе заминат на помош во Словенија
Нагласувајќи оти оваа трагедија во Словенија изминатите денови се користела за различни на видови шпекулации, изнесувања лаги и невистини во македонската јавност дека помошта доцни, Петровска вели дека не сакале да прават пи-ар маркетинг од тоа.
„Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата за тоа што им е потребно дека ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден претпладне преку механизмот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации и на НАТО и на ЕУ беа доставени барања. Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава“, рече Петровска.
Министерката вели дека војниците се подготвени да заминат уште денеска.
Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е се што досега е побарано.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска изјави дека штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра. Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.