Приведен наркодилерот од село Грчец, обвинет во истрагата „Планина“
„Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога беа донесени две Наредби за спроведување на истражна постапка. Во тогашните спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина меѓу кои и првоосомничениот беа во бегство“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Во нивното соопштение е наведено дека во текот на изминататата година тројца од осомничените бегалци се приведени и дека против нив се води истражна постапка.
Дополнително обвинителите кои работеа на случајот постигнале спогодба со 14 од 28-те обвинети за кои судот ги прифати предлог спогодбите и донесе пресуди. Осумина беа осудени на 3 години затвор, а двајца добија по три ипол години затвор, додека тројца се осудени на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и едно лице на 5 годишна затворска казна.
Според обвинението членовите на двете организирани криминални мрежи, продавале наркотична дрога преку препродавачи во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови по цена која се движела во износ од 4000 до 5000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана.
За овој предмет во јануари годинава албанската ТВ Ора објави дека има прислушувања кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција во Македонија директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција. Тогашната шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал Вилма Рускоска изјави дека акцијата „Планина“ била пробиена во Грчец.
„Најголемиот дел од парите и од запленетата наркотична дрога се пронајдени при претресите во Гази Баба, додека многу малку е пронајдено и одземено во Грчец. Имаме сознанија дека акцијата во село Грчец е пробиена“, истакна Рускоска.
При претресите на повеќе локации денот кога беа и приведени мнозинство од осомничените полицијата запленила 80.000 евра, и над пет килограми марихуана и околу околу 600-700 грама кокаин.