Ковачевски за изјавата на Макрон - Оние кои се побрзи во реформи тие први ќе влезат во ЕУ
Макрон изминатиот викенд рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“. Неговата изјава дојде откако претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел им порача на земјите од Западен Балкан дека проширување на ЕУ ќе има до 2030.
„Ризично е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа и е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки, со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и „Европа со повеќе брзини“, рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори.
Изјавите и на Макрон и на Мишел доаѓаат во време кога дома пратениците од власта се во трка по двотретинско мнозинство за да се усвојат уставните измени.
Изјавата на Макрон, отвори многу дилеми во јавноста за тоа дали ќе се одложи проширувањето на Унијата.
Ковачевски вечерва говореше на трибината, во центарот на Скопје, која е дел од кампањата - „Ние сме Европа“, вредна 80 илјади евра. Настанот е дел од информативниот караван под мотото „Саем на европски вредности“, а во рамки на караванот ќе се презентираат можностите и придобивките од преговорите кои ги нуди членството во ЕУ.