Црвен крст: Газа сè уште има гориво, но може да снема за неколку часа
Израел одговори на смртоносниот ненадеен напад на милитантите на Хамас во саботата, ставајќи ја Газа каде живеат околу 2,3 милиони луѓе, под целосна опсада и започнувајќи ја убедливо најмоќната кампања за бомбардирање во 75-годишната историја на израелско-палестинскиот конфликт.
„Според нашите сознанија, сè уште има гориво - но веројатно само за неколку часа - за да се одржат генераторите во работа, вклучително и во болниците“, им рече на новинарите Фабрицио Карбони, регионален директор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (IRRCC).
Карбони во подоцнежно интервју рече дека испораките на помош и лекови за Газа биле блокирани поради недостаток на безбеден премин.
„Сè уште имаме залихи во Газа. Проблемот е што не можеме да се движиме“, додаде Карбони.
Во тек се разговори со сите страни, вклучително и со Египет, за отворање на хуманитарен коридор, а како главна опција се смета преминот Рафа меѓу Газа и египетскиот полуостров Синај, рече тој.
„Со залихите што ги имаме внатре во Газа, нема да можеме долго да го поддржуваме цивилното население. Затоа треба да можеме да ги набавиме потребните резерви“, додаде Карбони.