Германската министерка Фезер - Приврзаниците на Хамас да бидат депортирани од земјата
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер изјави дека приврзаниците на милитантната организација Хамас треба да бидат депортирани од земјата, во случаи кога тоа е можно.
Таа најави дека властите внимателно ќе ги следат потенцијалните исламистички напаѓачи.
Зградата на еврејската заедница во центарот на Берлин, во која се сместени и синагога и градинка, била нападната со молотов коктел во ноќта од вторник кон среда.
Канцеларот Олаф Шолц тогаш најави зајакнување на безбедносните мерки околу објектите на еврејската заедница во Германија.
„Ако можеме да ги депортираме приврзаниците на Хамас, мораме да го направиме тоа“, им рече Фезер на новинарите по разговорот со претставници на Федералната канцеларија за криминалистичка полиција.
Таа го наведе неодамнешниот напад во Брисел како пример за закана што настана поради тензиите предизвикани од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Напаѓач уби двајца шведски државјани во понеделникот во главниот град на Белгија.