Шукова: Евидентно е дека по пожарот во тетовско Фалише ќе има загадување на воздухот
Пожарот е изгаснат, а во моментот се чекаат резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје за водите и почвите во овој реон. Забележа дека по пожарот ќе има загадување на воздухот, но како што вели, за жал не може да се измери, бидејќи станува збор за органска материја. Шукова посочи дека во земјава во моментов и нема акредитирана метода, што може да мери испарување на органски загадувачи во воздухот.
Додаде дека ваквите компании, во кои вчера гореа бои и лакови не потпаѓаат во системот на А и Б интегрирани дозволи, но потпаѓаат на контрола врз основа на доставен елаборат, за којшто треба да даде согласност општината.
„Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган, нема тоа да го проверуваме, меѓутоа мислам дека општината треба да провери. Затоа и постојано посочуваме кога се отвараат било какви вакви, дали се тоа магацини, дали се тоа помали објекти каде што се работи со вакви материи мора да се почитува законската регулатива, во делот на животната средина“, рече Шукова.
Во текот на вчерашниот ден институциите во земјава дадоа препораки граѓаните да не излегуваат од своите домови, вратите и прозорците од нивните објекти да бидат затворени, бидејќи влијанието нема да биде само во близина на складот, туку и на стотици метри од местото.
Министерката вели дека од она што го видела по видео-материјалите од пожарот ќе има загадување на воздухот, како и на водите и почвата, бидејќи, како што вели, тие честички секако ќе се спушатат на површината.
„Треба граѓаните да внимаваат, ако таму има земјоделски култури, тоа секако не треба да биде употребливо“, вели Шукова.
Таа најави дека ќе се направат анализи на почвата и водата, со цел да се види со што ќе бидат загадени, но какошто вели за неколку дена ќе се спуштат.