Си: Кина мора да ги заштити правата на странските компании
Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди поголема заштита на правата на меѓународните компании и интелектуалната сопственост, објавија во вторникот државните медиуми, додека Пекинг работи на привлекување странски компании кои се исплашени од построги мерки и нестабилна економија.
Американските и европските компании во Кина известуваат дека е се потешко да се води бизнис во таа земја од кога било поради геополитиката, антишпионските закони, акциите против мултинационалните компании и поволниот третман на домашните компании.
Пекинг, сепак, покажа знаци дека сега повторно се обидува да привлече странски компании.
Во писмениот говор на Самитот на извршните директори на АПЕК овој месец, Си ги повика компаниите да инвестираат, ветувајќи мерки за да им се олесни на странските компании да инвестираат и да прават бизнис во Кина.
На состанокот во понеделникот на Политбирото на кинеската Комунистичка партија - највисокото тело за одлучување во земјата, рече дека Кина мора да обезбеди „сеопфатен, отворен и транспарентен“ правен третман на странските субјекти, објави државната телевизија CCTV.
Правниот систем на Кина треба „да ја зајакне заштитата на правата на интелектуална сопственост“, рече Си, како и „да ги заштити легитимните права и интереси на странските претпријатија“.
Пекинг мора да „создаде пазарно ориентирана, легална и меѓународна првокласна деловна средина“, рече Си.
Странските компании долго време се жалат на нејасни и произволни прописи во Кина, пред се во врска со кражбата на интелектуална сопственост, на што укажаа и американски претставници при посетата на Кина оваа година.
Американските и европските бизнис лоби во септември предупредија дека довербата на странските бизниси во Кина паднала на најниско ниво во последните години, бидејќи забавувањето на растот и геополитичките тензии влијаеле врз изгледите за инвестирање.
Деловните лобија, сепак, гледаат знаци дека работите би можеле да се подобрат по зголемениот американско-кинески ангажман и средбата меѓу Си и претседателот Џо Бајден овој месец.