Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ, не се очекуваат доцнења
![Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ,
не се очекуваат доцнења](https://gdb.rferl.org/c28a0000-0aff-0242-581a-08d9e956bae8_w800_h450.jpg)
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје за време на одржувањето на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје ќе се одвива непречено, информираат од ТАВ Македонија за Радио Слободна Европа.
„ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена - 29-ти ноември, 30-ти ноември и 1-ви декември, за време на одржувањето на 30-тиот Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме“, се вели во одговорот од ТАВ Македонија.
Од Македонска навигација пак М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, во изјава за МИА истакнуваат дека, согласно објавените капацитети и расположливиот човечки потенцијал, не очекуваат никакви доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените летови поврзани со министерскиот состанок на ОБСЕ.
Инаку, за потсетување, 29 и 30 ноември ќе бидат неработни денови за вработените во државната администрација во Скопје, а од Министерството за здравство, соопштија дека и покрај оваа одлука, здравствените установи непрекинато ќе работат за време на одржување на Самитот.