Со новиот закон, помилување може да има само ако има правосилна пресуда
Со новиот Закон за помилување кој е предложен од Министерството за правда, а беше разгледан и утврден на владина седница(6 декември), претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица.
Како што информираат од Министерството, при изготвувањето на законот биле разгледани повеќе компаративни искуства од правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.
„Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со Предлогот. Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, објаснуваат од Министерството за правда.
На новиот Закон за помилување една година работеше Работна група, која предложи и претседателот да не може да помилува по службена должност, туку само по молба на осудениот или неговото семејство.
Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во 2016 година со еден акт помилува 56 луѓе кои на некаков начин беа поврзани со тогаш актуелната афера за масовно прислушување на над 20 илјади луѓе што ја објави опозициската СДСМ.
Дел од нив не беа ниту обвинети, како што беше обвинителката Фатиме Фетаи, додека дел беа сведоци како Коста Крпач кој почина под сомнителни околности, а за дел се водеа некакви постапки, некои имаа и пресуди. Одлуката за аболиција предизвика масовни протести во земјата под мотото “Нема правда, нема мир“. Десет дена по нејзиното донесување, Иванов ја поништи својата одлука.