Немало значително странско мешање на изборите за Конгресот во САД
Странските актери незначително влијаеле на изборите за во Конгресот на САД минатата година, заклучиле од Одделот за правда и домашна безбедност на САД.
Од таму заклучуваат дека нема докази со кои се потврдуваат активности на странски влади или застапници кои материјално влијаеле врз интегритетот или безбедноста на изборите или на кампањите.
Пред изборите за членови на Конгресот, американските власти предупредија дека странските актери продолжуваат со своите манипулативни напори, а обвинителите обвинија еден руски државјанин дека сака да се меша во гласањето.
Официјални претставници на американската разузнавачка служба минатата недела предупредија дека Русија и Кина веќе се фокусирани на претседателските избори во 2020 година.
Американските разузнавачи соопштија дека претседателските избори во САД во 2016 година биле цел на софистицирана руска хакерска и пропагандна кампања, чија цел била да се фаворизира кандидатурата на Доналд Трамп, кој потоа стана претседател.
Американските обвинители во моментов испитуваат дали тие што ја воделе кампањата на Трамп соработувале со Москва за тој да победи на изборите. И Трамп и Москва ги негираат ваквите наводи.