Сириската влада бара повлекување на турските сили од Африн
Сириската Влада денеска побара повлекување на турските сили од градот Африн во северозападна Сирија. Анкара вчера соопшти дека турските сили и борците на сириските бунтовнички групи што ја имаат поддршката на Турција, презеле целосна контрола над Африн, кој беше главно упориште на Силите за заштита на народот на сириските Курди во северозападна Сирија.
„Соопштението на режимот на турскиот претседател дека неговите окупаторски сили го контролираат Африн е нелегитимно“, наведува сириското Министерство за надворешни работи во писмо испратено до ОН.
Во писмото се наведува дека Сирија бара „окупаторите итно да се повлечат од сириската територија што ја окупираа“.
Турската армија заедно со сојузничките сириски бунтовнички групи на 20 јануари почна воена операција против Силите за заштита на народот во реонот на Африн. Анкара ја нарече операцијата „Маслиново гранче“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека операцијата „Маслиново гранче“ по освојувањето на Африн, ќе продолжи и кон другите градови во Сирија што се под контрола на вооружените групи на сириските Курди.