Ципрас: Јасно изјавивме дека преговараме за четирите имиња предложени од Нимиц
Ние јасно изјавивме дека преговараме врз основа на четирите имиња предложени од ОН, конкретно пакетот предлози од Нимиц, рече Алексис Ципрас во грчкиот Парламент, одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, во врска со името „Република Илинденска Македонија“.
Грчкиот премиер, како што објави МИА, на Мицотакис му возврати дека владата јасно и навремено излегла со став, а лично тој се стремел кон што е можно побрзо информирање.
„Од Софија, пред да се вратам, во моите изјави на прес конференцијата реков дека, и покрај напредокот, уште имаме пат да поминеме за да имаме договор, но и дека приоритет за нас, за грчката страна, е обезбедување на ерга омнес и уставна ревизија и како што видовте за ова прашање имавме важен напредок“, рекол Ципрас.