Осомничените за смртта на Саздовски ќе одговараат за убиство
Основното јавно обвинителство одлучило против осомничени за смртта на Никола Саздовски да се води истражна постапка за „убиство извршено на свиреп начин“.
„По преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во предметот против трите лица осомничени за кривичното дело извршено на 29 јуни 2018 година при кое почина лицето Н.С., Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за кое до сега се водеше истражната постапка“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Според Обвинителството, ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка билр обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител.
Ова вештачење, како што велат оттаму, беше доставено во Обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинско-последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход.
Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело.
За третиот осомничен кој се уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.
Саздовски беше претепан до смрт во скопската населба Автокоманда на 29 јуни 2018 година.