Ослободен лидерот на руската хакерска група „Шалтаи-Болтаи“
Лидерот на групата за која се верува дека е зад хакирањето на профили на високи претставници, вклучително и на рускиот премиер Дмитриј Медведев, е ослободен од затвор.
Владимир Аникеев – шефот на групата наречена „Шалтаи Болтаи“ (Humpty Dumpty), на 3 август е ослободен од притворниот центар Лефортово во Москва, изјави денеска неговиот адвокат Руслан Коблев.
Официјалната претставничка на окружниот суд во Лефортово Јелена Бичкова рече дека Аникеев бил ослободен од затвор според новиот закон со кој еден ден затвор се изедначува со еден ипол ден. Двегодишната затворска казна на Аникеев требаше да заврши во ноември.
Аникеев беше осуден во јули 2017 година, откако прифати спогодба за признавање на вината и се согласи да соработува со властите.
Двајцата други членови на „Шалтаи-Болтаи“, Александар Филинов и Константин Тепјаков, во септември 2017 година беа осуден на три години затвор.