Азем Власи: Нема да се случи размена на територии меѓу балканските земји
Некогашниот висок функционер во поранешна Југославија и некогашен советник на актуелниот косовски претседател Хашим Тачи, адвокатот Азем Власи, смета дека размена на територии меѓу балканските држави не е возможна, бидејќи тоа прашање е веќе затворено, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што пренесоа косовските медиуми, Власи во интервју за Радио Сараево, изјави дека српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, постојано потпалувале непотребни кризи во регионот, иако знаеле дека Косово, уште од 1999 година, е самостојна држава, независна од Србија.
Според него, бесмислени се најавите дека 30.000 Срби од северно Косово ќе прогласат автономија, бидејќи ќе ги остават вон таа автономија 60.000 останати сонародници кои живеат во други делови на Косово. Освен тоа, таков процес е против Уставот на Косово и самата држава нема да го дозволи.
Во врска со можностите за размена на територии, или за „корекција на границите“, како што го нарекува тоа косовскиот претседател Тачи, Власи изјави дека тоа нема никакви изгледи да се случи, бидејќи, како што рече, Косово и Србија се држави кои се признаени со актуелните граници.
“Нема да има размена на територии. Во регионот на поранешна Југославија, каде што имаме седум држави, прашањето на границите е затворено, иако може да има договори за мали корекции на териториите”, изјави Власи.