Џозеф: Договорот од Преспа заслужува Нобелoва награда
Договорот од Преспа заслужува Нобелoва награда, бидејќи создаде нов модел за решавање на меѓународни спорови поврзани со идентитетските прашања, вели политичкиот аналитичар и поранешниот член на Меѓународната кризна група, Едвард Џозеф.
Тој истакнува дека вистинската причина поради која овој договор заслужува Нобелова награда не е само затоа што конечно решава еден проблем, туку бидејќи создава нов модел за решавање на меѓународните спорови кои се поврзани со идентитетски прашања.
„Помислете на пример на спорот меѓу Израел и Палестина што се однесува на идентитетот на Ерусалим. Пристапот усвоен во Договорот од Преспа создава меѓународен модел што заслужува комлетно да се земе предвид за Нобелова награда“, вели Џозеф во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, пренесува МИА.
Тој во интервјуто објаснува дека карактеристиката на владите одиграла важна улога, бидејќи и во двете земји во ист период имало лидери со политичка смелост да ги отворат прашањата, не само да разговараат, туку и да влезат во суштината, односно дека покажале желба за конечен, а не привремен договор. Во однос на реакциите и во двете земји, Џозеф вели дека фактот што критиките се исти и од две страни, „јасно покажува дека постои праведен компромис”.