ВМРО-ДПМНЕ - Промената на името нема да го реши проблемот со корупцијата
Резултатите од борбата на СДСМ против корупцијата се разочарувачки, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Според нив земјата е претворена во дувло на криминалот и корупцијата, а потврда за тоа добила и од ГРЕКО.
„Република Македонија никогаш, баш никогаш, во скоро 20-годишната историја откако е член на ГРЕКО нема добиено негативен извештај. Тоа докажува дека, ако во секоја држава има мафија, тука, со доаѓањето на власт на СДСМ, мафијата си доби своја држава“, стои во соопштението.
Од партијата велат дека посочиле низа на мегаскандали во кои, како што наведуваат, владата на СДСМ се обидела да злоупотреби државни пари.
„Ваквиот извештај на ГРЕКО потврдува дека со промена на името, јазикот и идентитетот, Македонија нема да го реши проблемот со корупцијата и да се доближи до Европската унија“, стои во соопштението
Телото за борба против корупцијата на Советот на Европа ГРЕКО во својот најнов извештај оцени дека во Македонија нема опиплив напредок во борбата против корупцијата.