Русија протерува словачки дипломат како возвратна мерка
Русија прогласи еден словачки воен дипломат за персона нон грата, откако Братислава минатиот месец протера еден руски дипломат осомничен за шпионажа. Оценувајќи го словачкиот потег како „непријателски акт“, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска рече дека на словачкиот дипломат од амбасадата во Москва му биле дадени два дена да ја напушти државата.
Претходно, словачката влада соопшти дека протерала вработен во канцеларијата на военото аташе во руската амбасада во Братислава, поради информациите од словачката воена разузнавачка служба дека тој „спроведувал активности за собирање разузнавачки информации“ против интересите на земјата и на НАТО.
Словачка е членка на НАТО и на ЕУ.